Нема поголема гаранција за евроинтегративниот пат на државата од конечното раскинување на договорот со фирмата „Ѓока констракшн“, ја коментираше во вторникот премиерот Христијан Мицкоски синоќешната изјава на челникот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој навести дека е подготвен да влезе повторно во Владата со задоволување на „гаранции околу евроинтеграциите“.
„Вакви работи не се разговараат преку медиуми“, кусо одговори Мицкоски.
Прашан од новинарите за тоа кој бил најуспешен, а кој неуспешен министер во неговиот кабинет, како и дали има место за нови коалициски партнери, Мицкоски најави дека големиот владин ремонт е веќе започнат.
Потврди дека во моментов интензивно траат преговорите за реконструкција на Владата и побара уште само малку трпение од јавноста, најавувајќи дека за само неколку дена сè ќе биде целосно познато и на чистина.
Инаку, „Ѓока Констракшн“, компанија од Албанија е поврзувана со фирмата на Дрин Ахмети, внук на лидерот тогаш владејачката ДУИ – Али Ахмети, при преземањето на трговскиот центар „Соравија“ а своевремено беше единствениот понудувач на тендерот за јавно-приватно партнерство за паркингот на Клиничкиот центар, кога министер за здравство беше Арбен Таравари.
Доколку „Ѓока Констракшн“ го добиеше договорот за јавно-приватно партнерство, паркингот ќе поскапеше речиси двојно, а од годишниот приход компанијата ќе ѝ исплаќаше на државата само еден отсто.
Споменатата фирма е поврзана со истраги во соседна Албанија во врска скандали за местење тендери, а лидерот на Алијанса за Албанците под притисок мораше да го поништи тендерот за скопски Клинички, по што албанските медиуми објавија дека „останал должен“ и барал решение за проблемот од политичари во Тирана.
Синоќа во емисијата „Дебата нa Шења“, прашан дали може да се случи враќање на Алијанса за Албанците во Владата, Таравари изјави дека е „понижувачки да се влезе од каде што си заминал“, но не ја исклучува можноста тоа да се случи „со нов договор“.
Основниот предуслов, како што рече, е „гаранција за уставни измени“ и “почеток на преговорите со ЕУ“.
„Само со нов договор во кој би имало барем гаранција за почеток на преговорите со ЕУ и уставни измени во тој случај може да се разговара“, рече Таравари, додавајќи дека во спротивно нема што да се разговара.
