Премиерот ги разобличи обидите на СДСМ да создава паника и лажни вести

Премиерот на Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција го оцени обидот на СДСМ да шири дезинформации за наводен таен договор за прифаќање мигранти од Обединетото Кралство како „агресивна и упорна кампања“.

„Во изминатите месеци јавноста беше изложена на една упорна и агресивна кампања дека државата наводно тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство постои таен договор. Упорно, нималку со совест, се создаваше впечаток дека Владата крие нешто од граѓаните. Се ширеше страв дека земјата ќе стане камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден“, рече Мицкоски.

Британскиот амбасадор јасно демантираше: „Таков договор не постои“

Мицкоски додаде дека вчера британскиот амбасадор директно демантирал дека таков договор не постои и никогаш не постоел.

„Нема договор, нема преговори, нема центри за мигранти. Фактите се јасни. Со ова паѓа целата конструкција што со месеци се обидуваше да се наметне во јавноста. Се пласираа приказни без документи, без доказ, без официјална потврда, само шпекулации и политичка желба за создавање паника“, нагласи Мицкоски.

Премиерот оцени дека овој модел на однесување на СДСМ не е изолиран случај, туку „длабоко деструктивен и потенцијално опасен“.

„Гледаме иста шема: прво се фабрикува сензационална приказна, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува. Нема извинување, нема одговорност, само премин на следната конструкција“, рече Мицкоски.

Тој ги потсети граѓаните и на други случаи кога СДСМ ширеше паника, како тврдењата за запленетата дрога, апокалиптичните бројки за пожарите и тврдењата за финансиската состојба на државата.

„Се пласираа лаги и манипулации за да се создаде впечаток на хаос, а потоа фактите покажуваа дека реалноста е поинаква. СДСМ се претвори во фабрика за политичка паника и хистерија“, додаде Мицкоски.

Премиерот посочи дека опозицијата треба да биде сериозна и одговорна, а не „приватизирана бизнис-олигархиска структура со проблеми со моралот и држењето до зборот“.

„Македонија памети и никогаш нема да им ги заборави лагите и лажните ветувања“, заклучи Мицкоски.