Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека на вториот круг од предвремени локaлни избори за градоначалник на Брвеница в недела очекува поддршка за нивниот кандидат од жителите на Брвеница, без да посочи дали има некаков меѓупартиски договор.

Противкандидати на неделните избори во Брвеница се Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од ДУИ.

– Јас очекувам поддршка од граѓаните на Брвеница без разлика на етничката припадност и на партиската припадност или неприпадност. Јас бев таму. Бев во четири населени места и повторно оваа недела ќе појдам. Бевме во Теново, бевме во Радиовце, во Седларце, бевме и во Брвеница. Разговарав со жителите на Брвеница од различна етничка припадност. Мојата порака кон нив е следна: дека тие ќе продолжат да живеат еден до друг и после 1 ноември и после недела. Ќе дојдат политичари кои што ќе ги делат по етничка припадност најчесто. Тоа се очајници кои што на овој начин се трудат она малку што остана од нивната политичка иднина да ја спасат. Но не заборавајте дека тие ќе си заминат, нема очи да им видите, а вие ќе останете и понатаму едни до други – Македонци и Албанци. И немојте никогаш да гласате затоа што некој од политичарите ви вели: „Гласајте за овој затоа што е етнички припадник на таа заедница или на другата“, туку гласајте онака како што ви вели разумот и срцето. Гласајте за оној кои што ќе ви донесат подобри времиња за вас и вашето семејство и повеќе проекти. Оставете не нас политичарите – рече Мицкоски.

Им порача на жителите на Брвеница да гласаат за оние за кои што ќе мислат дека ќе изработат повеќе проекти за нив.

– Немојте да ги спасувате изгубените и удавени политичари кои што ги гледаме 20 години што направија на политичката сцена во Македонија. На 2 ноември ќе заборават сè што ви ветиле – рече Мицкоски кој беше на промоција на мобилната апликација „м.услуги“.

Повторно ние како Влада, додаде премиерот, ќе се вратиме на 2 ноември и ќе го правиме патот од Стенче до Гургурница, ќе ја правиме градинката во Челопек, ќе го правиме училиштето во Седларци и стадионот во Радиовце.

– Повторно ние како Влада ќе дојдеме таму, а овие ќе мислат дека на тој начин добиле некаков ветар во грб. Немојте да дозволите да ве делат, затоа што вие ќе живеете повторно заедно и од 2 ноември, а тие ќе заминат и очи нема да им видите. Тоа беше мојата порака – рече Мицкоски повторувајќи дека очекува поддршка од жителите на Брвеница.