Обележана една година од „Беломорски клуб читална“ со поддршка од Владата
Во Скопје свечено беше одбележана првата годишнина од формирањето на „Беломорски клуб читална“. Клубот обединува Македонци по потекло од Егејскиот дел на Македонија. Настанот го збогатија присуството на премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници и други високи претставници од Владата и институциите.
Мицкоски: Ќе се бориме за враќање на достоинството
Премиерот Мицкоски беше почесен гостин и добитник на благодарница од клубот, како признание за поддршката што Владата ја дава на Македонците од Егејот. Во своето обраќање тој нагласи дека македонското прашање и понатаму останува отворено:
„И во 21 век се обединивме и го поразивме тоа што 7 години го тероризираше македонскиот идентитет и народ. Денес е длабоко во опозиција. Ние ќе се бориме да го повратиме достоинството кое го имавме во минатото“, рече Мицкоски.
„Беломорски клуб читална“ – симбол на истрајност и љубов кон татковината
Основачите на клубот посочија дека неговата цел е зачувување на историската вистина и пренесување на љубовта кон Македонија на идните генерации. Во клубот досега се собрани над 300 книги и вредни документи кои сведочат за историјата и културата на Македонците од Егејот.
Посетителите можат слободно да ја користат литературата, а клубот останува отворен простор за сите кои сакаат да се информираат или да се поврзат со корените.