Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани кои одлучија да заминат од државата, полека се враќаат, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски, прашан за коментар откако Државниот завод за статистика излезе со податоци за движењето на невработеноста кај нас.
– Да, тоа е исто така, една од охрабрувачките вести. Третиот квартал од оваа година, споредено со третиот квартал минатата година, има 7.000 повеќе вработени на сметка на 7.000 помалку невработени. Односно, ако во третиот квартал минатата година имало околу 698 илјади вработени, сега има 705 илјади. Минатата година во третиот квартал имало 98 илјади невработени, сега има 91 илјада. Што значи дека бројот на вработени и невработени пропорционално се зголемува, односно намалува. Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани последните 10 години поради состојбата што беше во државата што одлучија да заминат, полека се враќаат, одговори премиерот, кој присуствуваше на поставување камен-темелник на спортска сала во Колешино.
Премиерот истакна дека е убеден оти трендот ќе продолжи и понатаму.
– Голем дел од луѓето коишто кога тогаш заминаа, еве остваруваат контакти со мене или со голем дел од институциите во Владата и одлучуваат да се вратат и повторно тука да го продолжат својот живот. Што е, исто така, охрабрувачки тренд – тоа значи дека ќе се зголемува бројот на вработени. Ќе се зголемува бројот на луѓе коишто ќе отпочнат свој бизнис или пак ќе најдат начин како да работат тука дома, наместо некаде надвор, бидејќи и таму гледате состојбата каква е со многу проблеми обременета. Така што тоа е тренд што охрабрува и јас сум убеден дека тој тренд ќе продолжи. Овој параметар е добар и охрабрувачки, додаде премиерот.
