Набрзо ќе се избере финансиска институција за проектите во Штип, Кичево и Тетово

Завршен е меѓународниот повик за избор на компанија што ќе ги финансира трите капитални здравствени проекти во Штип, Кичево и Тетово, а понудите ќе бидат анализирани следната недела, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета во Кичево.

Тој појасни дека станува збор за проекти што се дел од стратешко партнерство со Обединетото Кралство, при што финансирањето е предвидено преку меѓународна финансиска институција со гаранција од британската Ексим банка.

„Што се однесува до проектите поврзани со здравството, знаете дека тие се дел од стратешкото партнерство со Обединетот Кралство. Министерството за финансии веќе имаше меѓународен повик, на кој што бараме компанија, која што ќе ги финансира тие проекти, а практично гаранција ќе издаде Ексим банката на Обединетото Кралство. Тој повик веќе е завршен, ги имаме понудите и веќе во следната недела ќе ги анализираме“, изјави Мицкоски.

Проектот е поделен во две фази

Премиерот посочи дека инвестицијата се реализира во две фази, при што првата опфаќа Клиничка болница во Штип со Факултет за медицински науки и студентски дом, здравствен дом со проширена дејност во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово.

Во втората фаза е предвидена изградба на голем Клинички центар во Скопје.

Тој додаде дека по завршување на евалуацијата и изборот на финансиска институција, ќе продолжи реализацијата на проектите.

Базенот во Кичево во завршна фаза

Мицкоски се осврна и на изградбата на затворениот базен во Кичево, за кој рече дека е „одглавен“ и наскоро ќе биде завршен.

„Еден од оние проекти, кои што ги наследавме до фаза до никаде, од претходната Влада на СДСМ и ДУИ беше токму и овој проект во Кичево. Сите пречки се отстранети за продолжување на активностите и очекувам многу скоро да биде завршен, исто како што еден по еден се завршуваат и другите проекти, од оваа природа“, рече Мицкоски.

Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, посочи дека објектот бил затекнат без електрична инфраструктура, при што не бил донесен ни кабел до базенот.

Тој додаде дека делот е целосно завршен, извршено е и пробно полнење на базенот, а останува уште уредување на пристапот, паркингот и околното хортикултурно уредување.