На вчерашниот настан по повод 35 годишнината на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени“, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој истакна дека државата се заснова на традиционалните вредности на семејството, на традицијата како клучни столбови во една земја како Република Македонија, а воедно потенцираше дека Владата ќе продолжи со проектите кои носат подобрување на животниот стандард на граѓаните и го придвижуваат економскиот развој во нагорна линија.

„Силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои нè дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер. Ова е борба за нашите деца, за нивната иднина, за достоинствен живот во сопствената татковина. Понатаму, нашата Влада ќе продолжи со имплементација на конкретни проекти кои ќе донесат вистински економски развој и подобрување на стандардот. Секој од овие чекори е дел од нашата стратегија за долгорочен развој“, вели Мицкоски.

Претседателот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не е само партија туку и вредност, идеологија и љубов, односно партија која има визија за вредности кои носат промени.

„Нашата желба е секој граѓанин да почувствува подобрување во својот живот. Јас сум горд што сум дел од овој тим и во Владата и во партијата. Тука сме затоа што идејата за Македонија, како суверена, достоинствена и праведна држава, не умира. ВМРО-ДПМНЕ како што кажав во повеќе наврати во ова мое денешно обраќање не е само партија. Вредност, идеологија, љубов. Тоа е макотрпното градење на домот на секој македонски човек. Ќе успееме. Не заради нас, туку заради децата наши. За нив, и за секој човек кој верува дека Македонија е местото каде што сонувањето има смисла. Верувам во вас, верувам во народот, верувам во Македонија. Нашата идеја не запира, нашата волја не се крши, а најдоброто допрва доаѓа. Заедно, со чесна работа и срце полно надеж, ќе ја изградиме Македонија каква што заслужуваме“, рече Мицкоски.

Во продолжение може да видите ексклузивни видеа кои ги имаше нашата редакција од вчеравечер.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одбележа 35 години постоење. Повеќе може да погледнете од веста во продолжение:

35 ГОДИНИ ВМРО-ДПМНЕ: Континуитет со идејата родена во 1893 година – борбата за достоинството на народот и државата не запира, порача Мицкоски од Хераклеја