Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани мора да се одвива без политички притисоци, нагласувајќи дека дел од политичките партии се обидуваат, како што рече, да ја злоупотребат трагедијата. Својата позиција ја образложи во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма.
„Лично мислам дека мора така да биде, не може да биде поинаку. Е сега има тука одредени политички партии што на овој случај, за жал, на маката на луѓето кои ги изгубија своите најмили се обидуваат да градат политичка кариера и затоа не можеме да кажеме дека нема политичко влијание бидејќи се обидуваат тие политичари и тие политички партии да ја злоупотребат оваа мака“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека одредени политички субјекти континуирано испраќаат политички пораки во врска со случајот, додека тој, како што нагласи, се воздржува од јавни изјави за да им овозможи на обвинителството и на судовите да си ја завршат работата.
„Да имаме фер судење, да имаме судење коешто јасно ќе детектира кои се виновниците, кои не се виновни и.т.н“, додаде премиерот.
Мицкоски повтори дека ја поддржува иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за формирање анкетна и надзорна комисија за сите трагедии што се случиле во изминатите години. Според него, неопходно е сите виновни да бидат изведени пред лицето на правдата, а јавноста да добие јасна претстава за тоа кој направил грешка и кој сноси одговорност.
