Владата е насочена кон реформи и стабилност

Фокусот на Владата е насочен кон економско консолидирање на државата, спроведување реформи и обезбедување стабилност. Премиерот Христијан Мицкоски вечерва порача дека приоритет е исполнување на обврските кон граѓаните, а парламентарните избори, како што рече, се очекува да се одржат во редовниот термин во 2028 година.

Во интервју за Ора24.тв, на прашањето дали се можни предвремени избори, нешто што опозицијата го споменува во повеќе наврати, Мицкоски истакна дека Владата е фокусирана на реформите и нивно реализирање.

Граѓаните, меѓународната заедница и ние во Владата сме фокусирани на реформи и испорака за граѓаните. Тоа претставува наш приоритет. Фројд кога работи во опозицијата е повеќе од страв и сега тие тоа повеќе го артикулураат од страв дека знаат каков дебакл ќе доживаат и на следните парламентарни избори, дека ќе изгубат и сметам дека на следните избори ќе имаат и полош резултат од тој што го имаа во 2024 година, кој што беше историски најнизок резултат, кој што потоа го потврдија на локалните избори. Оваа година, нашиот фокус е во консолидирање и економски раст на државата. Иако имаме многу предизвици, зборувавме на почетокот, ние сме само тука фокусирани и концентрирани и се фокусираме на редовни парламентарни избори што ќе се случат во 2028 година“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата има стабилно мнозинство и дека ќе направат се што е во нивна моќ за да ја задржат кохезијата во рамки на коалицијата. Посочи дека владината коалиција располага со 61 пратеник во Собранието.

Реконструкција на Владата и политичките случувања

Премиерот најави и реконструкција на Владата, која според него би можела да се случи во периодот мај-јуни. Во моментов, како што рече, вниманието е насочено кон доекипирање на партиската структура, процес што очекува да заврши до крајот на април.

На прашањето дали постои политичка партија која чека да влезе во Владата, без разлика дали станува збор за ДУИ или за Алијанса на Албанците на Зијадин Села или Арбен Таравари, Мицкоски одговори дека во рамки на владината коалиција имаат исклучително коректни односи и дека во овој момент не се размислува за промена на нејзината структура.

Тој посочи дека не може да говори во име на други политички субјекти дали се заинтересирани за влез во Владата, но дека како претседател на најголемата политичка партија во коалицијата може да даде оценка за состојбата во неа.

Во однос на случувањата во коалицијата ВРЕДИ и изразеното незадоволство кај министерот Фатмир Лимани и вицепремиерот Арбен Фетаи, Мицкоски рече дека неговиот став е познат и дека обединувањето во еден политички субјект може да донесе поголема стабилност во рамки на ВРЕДИ. Сепак, додаде дека во владината коалиција имаат коректна соработка и дека не сака да ги коментира ставовите што се изнесуваат преку социјалните мрежи.

За случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби и прашањето дали од него се добиени информации за евентуални нелегални активности, Мицкоски рече дека треба да се остави време институциите да си ја завршат работата.

Во интерес на истрагата и тие информации што ги имам, не би сакал премногу длабоко да навлегувам во чувствата на поединечни сегашни и поранешни политичари, но не треба никој да се плаши ако не направил нешто спротивно на законот. А треба да се плашат сите оние, кои што направиле нешто спротивно на закон, без разлика на кој политички дрес му припаѓаат“, нагласи Мицкоски.

Во врска со обвинувањата од опозицијата за мигрантите, премиерот истакна дека нема покредибилен извор од амбасадорот на Обединетото Кралство, кој, како што рече, јасно посочил дека нема ниту имало преговори за прифаќање мигранти од таа земја.

За да не бидам погрешно сфатен, не само што нема да има мигрантски кампови, туку нема да има никаква опција и во однос на тие што ги нарекуваат „failed asylum seekers“, односно неуспешни апликанти за азил. Нека најдат еден таков случај, тогаш ќе излеземе јавно и ќе се извиниме. Но нема поголема кредибилност од самиот амбасадор, кој јасно рече дека такво нешто нема“, нагласи Мицкоски.