Промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети касарната „Илинден“, каде што се одржа промоција на нова воена опрема.

По настанот, Мицкоски се обрати пред медиумите и одговараше на новинарски прашања за актуелни инфраструктурни проекти.

Во понеделник договор за автопатот Скопје–Блаце

Запрашан за динамиката на изградбата на автопатот Скопје–Блаце, премиерот истакна дека проектот влегува во завршна фаза на подготовка.

„Таа тема се говореше во јавноста со децении. Успешно е завршена целокупната постапка. И во понеделник ќе биде потпишан официјално договорот“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека е избран изведувач и дека се очекува работите на терен да започнат во текот на овој месец.

„И ова негативно наследство од минатото се решава. Илјадници проблеми затекнавме, но еден по еден ги решаваме. Еден од тие приоритети конечно го решивме, овие 8 километри конечно ќе бидат направени“, рече премиерот.