Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во изминатата година државата бележи позитивни трендови на пазарот на трудот. Според него, официјалните податоци покажуваат дека бројот на вработени е зголемен за повеќе од 15.000 лица, додека бројот на невработени е намален за над 10.000.
Одговарајќи на новинарско прашање за владината поддршка за економијата и работниците, Мицкоски посочи дека финансиските мерки помогнале во зачувување на работните места и во поддршка на стопанството.
„Владата субвенционираше околу 250 милиони евра заем во услови на најголема криза за стопанството. Кога на тие средства ќе се додадат уште толку од комерцијалните банки, се доведовме во состојба да сме држава со најниска каматна стапка која стопанството ја користи во заемите и во развивањето на своите бизниси“, истакна Мицкоски.
Премиерот изјавата ја даде во Охрид, каде што присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на катна гаража зад Градскиот пазар.
Тој се осврна и на социјалниот дијалог, нагласувајќи дека Владата ги регулирала односите со најголемиот дел од вработените во јавниот сектор. Како што рече, односите се дефинирани преку колективни договори во здравството, образованието, администрацијата, полицијата и одбраната.
„Со 95 отсто, би рекол можеби и некој процент повеќе од нашите колеги ги имаме регулирано односите до крајот на мандатот на оваа Влада, а тоа е 2028 година“, рече тој.
По повод 1 Мај – Денот на трудот, Мицкоски упати честитка до работниците, порачувајќи дека трудот е темелот врз кој се гради секоја силна држава.
- „Нема напредок без работа. Нема стабилност без создавање вредност. Нема иднина без луѓе што вложуваат, градат и веруваат. Денес им оддаваме признание на сите што секојдневно придонесуваат со знаење, со труд и со посветеност. Нашата обврска е јасна: повеќе можности, подобри услови и фер правила за сите што работат и создаваат“, напиша премиерот на Фејсбук.
Во Скопје денеска се одржа и првомајски протест под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“. Протестот почна пред зградата на ССМ во центарот на градот, продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а заврши пред Владата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека 260.000 работници живеат со плата под 600 евра. Според него, иако многу работници не се задоволни од своите примања, само неколку илјади луѓе излегле на протест бидејќи дел од нив се плашат да се приклучат, сметајќи дека протестите се насочени против некого.
