Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да ја коментира кривичната пријава поднесена од опозициската СДСМ, посочувајќи дека таа е веќе доставена до надлежните институции и дека токму тие треба да одлучат по неа. Тој нагласи дека не сака со свои јавни настапи да влијае врз одлуката на Обвинителството.

На денешната прес-конференција во Владата, Мицкоски истакна дека неговиот приоритет е насочен кон развојот на државата и подобрување на условите за живот на граѓаните, додавајќи дека политичките партии кои, како што рече, функционираат во „сопствен свет на лаги“ се повеќе се маргинализираат и ја губат довербата кај јавноста.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со неговата претходна изјава дека очекува можни постапки против поранешни високи функционери од владата на СДСМ, како и за кривичната пријава поднесена против пратеникот Блерим Беџети – кој ја оцени како политички притисок – премиерот рече дека нема да ги коментира тие наводи.

Тој посочи дека секој има можност својата невиност да ја докаже во институциите и потенцираше дека презумпцијата на невиност важи за сите граѓани сѐ до донесување правосилна судска одлука. Според него, токму судската постапка е местото каде што се утврдува вистината.

Мицкоски додаде дека би сакал да има што помалку случаи на кривични пријави против поранешни и актуелни функционери, нагласувајќи дека клучно е сите да ги почитуваат законите и Уставот. Воедно, апелираше вниманието да се насочи кон, како што рече, вистинските приоритети – бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, како и посветена работа за подобра иднина на македонските граѓани.