Не стивнува револтот кај просветните работници по одлуката на раководството на СОНК, наставниците да се вратат на работа а истовремено да течат преговорите со Владата.

,,Со најновата капитулација и перфидна игра на раководството на СОНК, илјадници наставници беа понижени и навредени, им беше згазната честа, угледот, личното, човечкото и професионалното достоинство’’, вели Марија Малденовска Димитровска психолог во СОУ „Таки Даскало“ од Битола, во разговор за Лидер.

Оние кои требаше да се борат да нашите права, не продадоа ефтино, не предадоа, не понижија оние кои требаше да не застапуваат. Да не е трагична, би било смешно, додава Малденовска Димитровска.
Иако понижени и навредени, наставниците не се ПОРАЗЕНИ. Дури и да мислат, ситните души со незаситни апетити, длабоки џебови и плитки умови, дека одлично ја изиграле улогата на предавници и слуги на врхушката на власт, сепак, сметам дека во оваа наша бескрајна комедија на трагедијата на нашите животи, можеби го одиграле само својот последен, срамен чин.

Три недели наставниците штрајкуваа за своето достоинство, за враќање на честа и угледот на професијата, за основна егзистенција. Научија дека треба да бидат сплотени во борбата за своите права.
И по последната одлука на СОНК треба да биде лекција дека вака сплотени наставниците треба да ја продолжат битката и против своите лидери кои не предадоа и продадоа за да се стигне до зацртаниот пат-ВРАЌАЊЕ НА ДИГНИТЕТОТ НА ПРОФЕСИЈАТА, вели Малденовска Димитровска.

Лидер: Битката за достоинство, сплотеност и истрајност вчера беше предадена од страна на лидерот на СОНК. Ваш став, дали и зошто наставниците се изманипулирани од страна на Јаким Неделков?

-Токму така, битката за достоинство, сплотеност и истрајност беше предадена. Зашто последниот штрајк на просветните работници покажа една до сега невидена сплотеност, единство и достоинственост, кога за прв пат се случи толку голем одѕив и толку голема обединетост на просветните работници. За прв пат се обедија сите, без оглед на етничка, верска или партиска припадност, за прв пат над 95% од наставниците штрајкуваат, одолеваат и го издржуваат притисокот, но за жал на еден крајно низок, мизерен, перфиден начин беа предадени, понижени, изманипулирани, деградирани како фела и се чувствуваат крајно резигнирано од своите синдикални лидери.

Веќе во сите изминати години се навикнавме во нашата трагикомична реалност да не изненадуваат со бескрајната генијална глупост, но изгледа навистина го потценавме неисцрпниот потенцијал на бисерите на глупоста и лудоста на алчните за пари и моќ, со незаситни апетити квази лидери и таканаречени борци за работничките права. Па така, како гром од ведро небо, бевме покосени од најновата драмолетка која ни ја изрежираа генијалните идиоти во нашиот, не знам кој по ред, чин на трагикомедијата на нашата жална реалност. Главните актери на незаситната глембаевштина, после 12-дневен штрајк, илјадници наставници ги сервираа како жртвено велигденско, ем првомајско јагненце, на трпезата на политичко-партиското и лично поткусурување, без око да им трепне, покажувајќи ја на дело својата незаситност за лично богатење, интерес, без притоа да чувствуваат барем грам грижа на совест и одговорност барем да ги прашаат или да ги удостојат да ги информираат наставниците, односно таканаречената интелигенција и просветарска фела, која неописменетите, недоучените и приучените одамна ја имаат помножено со нула.

Со најновата капитулација и перфидна игра на раководството на СОНК, илјадници наставници беа понижени и навредени, им беше згазната честа, угледот, личното, човечкото и професионалното достоинство. Во наше име, без наша согласност и знаење, беше потпишана срамна капитулација од страна на една група на (не)луѓе, на чело со срамниот, поткуплив синдикален лидер, кому му беше дадена довербата да ги застапува нашите интереси. Човек без грам лично и човечко достоинство, кој во повеќе наврати ја потврдил својата сервилност и поданички однос кон владејачките елити, уште еднаш ни покажа и ни докажа на сите дека е на висината на својата нискост и на својата задача. Уште еднаш не продаде евтино на распродажбата на работничките права, но пред се на распродажбата на човечките вредности и достоинството на наставниците. И тоа да биде иронијата поголема во пресрет на 1 Мај. Наставниците беа понижени, навредени, но не би рекла и поразени. Дури и да мислат, ситните души со незаситни апетити, длабоки џебови и плитки умови, дека одлично ја изиграле улогата на предавници и слуги на врхушката на власт, сепак, сметам дека во оваа наша бескрајна комедија на трагедијата на нашите животи, можеби го одиграле само својот последен, срамен чин. Колку и да мислат дека маестрално ја изрежираа претставата во ова наше “дупло дно”, сепак сметам дека времето ќе покаже и докаже дека само ја изиграле својата предавничка улога во својот “Лет во место” и си ја отпеаја својата лебедова песна, која ќе им биде погребен марш и на налогодавачите (режисерите) и на актерската екипа.

Лидер: За што штрајкуваа наставниците речиси три недели?

-Изминатите речиси три недели наставниците штрајкуваа пред се за своето професионално, лично и човечко достоинство, за враќање на угледот и честа на професијата, за основна егзистенција. Конечно, се обединија се одважија, сите заедно сплотени да се изборат за себе и за своите основни човекови права, после децении стрмоглав пад на статусот на наставниците, на уназадување на квалитетот на образованието, како резултат на разно-разни квази реформи и експерименти во кои заморчиња беа не само наставниците, туку пред се децата, кои ги трпат и допрва ќе ги трпат последиците од нашите непромислени Менгеловски експерименти во образованието, што продуцираше само неквалитет, импровизации, уназадување на генерации ученици.

Лидер: Станува ли целава ситуација дегутантна бидејќи високообразовани луѓе се внесуваат во политички игри?

-Целава ситуација станува не само дегутантна, туку и гротескна. Оние кои требаше да се борат да нашите права, не предадоа, не понижија оние кои требаше да не застапуваат. Да не е трагична, би било смешно. После 12 дена штрајк на над 20000 наставници, на крајот преку ноќ да им сервираш образложение какво што ни сервира СОНК, поради кое штрајкот се става во мирување, не само што не е сериозно, туку е крајно неодговорно и повлекува одговорност не само од лидерот Јаким Неделков, туку од целото раководство на СОНК. Да не е перфидно смислена драмолетката, дури и кога би им поверувале на нивните изговори и “аргументи“, повторно тоа не ги амнестира од одговорност раководството на СОНК. Да прогласиш генерален штрајк и да си поиграш со судбините на илјадници наставници и ученици и нивните родители, без притоа Советот на СОНК заедно со правните експерти да не ги имаат на увид сите релевантни законски акти и правни замки, е одговорност не само за колективна оставка, туку и за кривична одговорност, заради доведување во заблуда на илјадници наставници и за манипулации со нив.

Лидер: Што ли научија наставниците од шрајкот на СОНК на чело со Јаким Неделков?

-Научија дека треба да се сплотат заедно во борбата за сопствените права и за достоинството на својата професија, да истраат и да ги издржат притисоците, но сега после последните случувања, треба да научат уште пообединето, посложно и поистрајно да останат вака сплотени и да ја продолжат битката и против своите лидери кои ги предадоа и продадоа и дека треба да истраат на својот зацртан пат за враќање на дигнитетот на професијата.

Покажавме и допрва ќе покажеме дека сме луѓе достојни за почит. Тоа, впрочем, си го должиме и себе си и на нашите ученици кои ги едуцираме за вистинските вредности и идеали и чиј пример треба да им бидеме. Ние ќе покажеме дека сме пред се луѓе, а потоа и учители кои знаат и ќе знаат да ги поучат своите ученици на вистинските вредности и дека нема да дозволиме никакви политички поткусурувања и манипулации со угледот и честа на наставниците и сите вклучени во образованието.