Младите се директно вклучени во креирањето на политиките на партијата
Бојан Никовски од Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека младите се директно вклучени во креирањето и носењето на сите политики на партијата, во гостувањето во емисијата „Директно“ на Телма телевизија.
Никовски посочи дека резултатите од досегашните политики на СДСМ се видливи како кај младите. Така и во целокупното општество, и истите ја довеле партијата до историски најнизок изборен резултат.
„Резултатите од политиките на СДС, и во однос на младите и во однос на целата држава, се видоа на овие избори. Видовме колкава поддршка добија тие таканаречени успешни политики, што резултираше со историски најнизок резултат за партијата“, рече Никовски.
Поддршка и можности за младите
Според Никовски, преку грантови за младинско претприемништво, финансиска поддршка за купување сопствен дом, позитивни демографски мерки, привлекување странски директни инвестиции и спроведување економски реформи, може да се создадат реални услови младите да останат и да успеат во државата.
„Со вакви политики испраќаме јасна порака дека секој, согласно своите вештини и способности, може да просперира и да успее во нашето општество“, истакна Никовски.
Конкретни чекори и резултати
Никовски додаде дека младите веќе можат да забележат конкретен исчекор во однос на младинските политики:
„Се доделуваат субвенции за електронски уреди, се реконструираат студентски домови, започнува процесот за изградба на нов Медицински факултет во Штип, што е особено важно имајќи предвид дека здравството е клучна гранка во која мора навремено да се подготвуваат кадри. Се воведува дигитализација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а истиот процес ќе продолжи и во останатите високообразовни институции. Ова е позитивен исчекор кој младите треба да го препознаат како надеж и како доказ дека имаат конкретна придобивка и повеќе простор за напредок и усовршување“, заклучи Никовски.
