Навремените и соодветни мерки и одлуки на централната банка во доменот на монетарната политика и финансискиот сектор придонесоа за намалување на последиците од кризата врз македонската економија и за одржување на финансиската стабилност.
Ова меѓу другото беше истакнато од Пол Хилберс, извршниот директор на Конституенцата во ММФ во којашто членува нашата земја, на состанокот во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, на којшто учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска.
На состанокот, извршниот директор изрази целосна поддршка за политиките коишто се водат од централната банка и за мерките преземени досега, во услови на глобална пандемија и голем број предизвици. Притоа, нагласи дека неизвесноста предизвикана од здравствената криза и понатаму постои во глобални рамки, што наметнува потреба од постојана подготвеност на носителите на политиките за навремена реакција. На состанокот беше заклучено дека треба да се продолжи со стимулативните политики, сѐ додека на повидок нема целосно економско закрепнување.
Имајќи ја предвид специфичноста на глобалната пандемиска криза и улогата на политиките на централните банки во ублажувањето на ефектите од кризата, на состанокот уште еднаш беше нагласена значајноста на независноста на централните банки и поддршката којашто ја добива Народната банка во овој поглед од ММФ, а со залагања и на Конституенцата.
На состанокот беше истакнато дека Конституенцата и натаму максимално ќе ги застапува интересите на нашата земја во рамките на активностите на ММФ.