Легитимитет во демократија и во унитарна држава дава единствено собраниското мнозинство од најмалку 61 пратеник. Ова го истакна претседателот на Владата, одговарајќи на прашање во законодавниот дом поставено од пратеникот Зијадин Села од редовите на Алијанса на Албанците, кое се однесуваше на составот на извршната власт и принципот победник со победник.
„Легитимитет во демократија, во унитарна држава дава бројката во Собранието од 61 пратеник. Ако имате 61 пратеник вие имате легитимитет. И во 2017 година таа Влада немаше легитимитет, па беше избрана. ВМРО-ДПМНЕ отиде во опозиција. Вие бевте кратко време во Владата, потоа ја напуштивте, но тоа е друга тема. И тогаш се прекрши правилото победник со победник. Тоа беше непишано правило. Не го прекрши ВМРО-ДПМНЕ. Некој друг“, изјави Мицкоски.
Пратеникот Села претходно побара одговор за начинот на формирање на владината коалиција, нагласувајќи ги прашањата за застапеноста на етничките Албанци во државните институции и нивниот статистички удел од 30 проценти според последниот попис на населението. Во репликата, шефот на владата се наврати на локалните избори во 2021 година кога беше формирано мнозинство во Советот на Град Скопје со поинаква политичка констелација.
„Мислам дека потпалувачката реторика не е добра. Јас сум подготвен да разговарам за која била тема, со исклучок на темата со потпалувачка, националистичка реторика. Потпалувачки теми. Зошто ова ви го кажувам? Затоа што ако ги гледаме ресурсите коишто денеска се трошат во државата, 70 проценти од тие ресурси се трошат во средини каде што имаме мнозинско албанско население“, рече Мицкоски.
Како поткрепа на своите тези, претседателот на Владата детално ги наброи тековните инфраструктурни зафати кои се реализираат на теренот. Тој посочи дека активно се работи на автопатот Скопје – Блаце, автопатската делница Тетово – Гостивар – Букојчани – Кичево, кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, бројни локални улици, пречистителни станици за отпадни води во Тетово, Гостивар и Врапчиште, изградбата на обиколницата околу Тетово, како и на проектната документација за тунелот на експресниот патен правец меѓу Призрен и Тетово.
„И можам да ви ги редам проект по проект, но тоа не е суштината. Суштината е колку ние сме лојални кон оваа држава што ни овозможила бесплатно да се школуваме, бесплатно здравствено осигурување, која ни овозможила да се формираме како личности и таа одговорност на локалност ја имаме и во кажаниот збор. Апсолутно Владата има легитимитет, којшто јас низ мојата политичка оптика го гледам во услови да работи чесно и за Македонците, и за Албанците, и за останатите граѓани од другите етнички заедници. Да развива проекти, да зголемува пензии, да зголемува плати, да отвора нови работни места врз основа на нивните компетенции и квалификации за сите“, рече Мицкоски.
Шефот на владата подвлече дека како премиер настојува да ги надмине сите предизвици со цел меѓуетничката кохезија непречено да функционира во секојдневниот живот. Тој оцени дека континуираните дилеми за легитимитетот се дебати без реална политичка тежина кои постојано се повторуваат во изминатите две и пол години.
„Оваа ваша дилема околу легитимитетот, мислам дека во овие две години требаше да ја научиме како лекција и да не ја повторуваме истата грешка“, рече Мицкоски.
Во врска со забелешките за демографските проценти, тој констатираше дека граѓаните треба да се перципираат како поединци, а не како статистички бројки, додавајќи дека историските процеси во плурализмот носеле одлуки кои директно задирале во волјата на мнозинскиот народ.
„Инаку, со процентите не можеме да се сложиме, бидејќи јас принципиелно процентите не ги гледам како проценти, туку како луѓе, а второ мислам дека подобра страна кај мене е математиката отколку кај вас“, истакна Мицкоски.
Во својата аргументација тој посочи конкретни примери од политичкото минато кога биле наметнувани решенија без поширок општествен консензус, вклучително и уставните измени за името на државата и потпишувањето меѓународни спогодби.
„Еве, ќе ви дадам еден таков пример: се промени името на државата со малцинството од мнозинството. И овде во Собранието, уставното име на државата се промени. Се прифаќаа договори без поддршка на мнозинството во оваа држава. Ова не ви го кажувам за да ви реплицирам на тоа што го кажавте. Ова ви го кажувам само за да ви кажам дека тоа нема никаква врска со тоа што вие го кажувате, затоа што овие работи оставаат трајни последици и тогаш наместо ние помеѓу себе, коишто сме родени тука, кои што живееме, кои благодарение на оваа земја сме израснале во зрели, млади, постари, повозрасни, посериозни луѓе итн. да седнеме и да се договориме за клучните прашања, ние не можеме да се договориме затоа што, ете, понекогаш се случуваат и такви политичари кои носат такви одлуки. Но, тие одлуки имаат трајни последици“, рече Мицкоски.
Пратеникот Села отвори и прашање во врска со примената на законските решенија за правична застапеност, на што владиниот претседател потсети на актите донесени од претходната извршна власт со кои балансерот беше оценет како надминат механизам.
„Тоа е од претходната Влада. Седницата ја водел тогашниот прв потпретседател на Владата“, рече Мицкоски.
