Не може никој да ме убеди дека претседател или премиер не може да ги испрати спортистите на Европско првенство. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе, но видовме дека можело и тоа да се забрани, мислам дека не даваме добра слика во јавноста, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Поранешниот македонски ракометен репрезентативец кажа дека не ја разбира одлуката на ФФМ и претседателот Сејдини да им се забрани на претседателот и премиерот да ги испратат македонските фудбалери пред да отпатуваат на Европското првенство.
– Тој балон систем што го споменуваат не вели дека фудбалерите не смеат да се видат со претседателот и премиерот за да им посакаат среќа. Ова не е во ред и се надевам дека ќе се најде решение првите луѓе во државата да ги испратат овие херои, спортистите се амбасадори на Македонија кажа Мојсоски.
Тој го потврди тоа што го кажа и премиерот Зоран Заев во телевизиско интервју, дека иницијативата за средба со фудбалерите дошла токму од нив и стручниот штаб.
– Средбата може да се случи на стадионот, со дистанца, на отворено. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе, кажа Мојсовски.
Во текот на денешниот ден Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека согласно протоколите од УЕФА, не се во можност да организираат каков било прием за поединци или лица од државни институции од причина што одговорноста за заштита на фудбалските репрезентативци е огромна и мора да се почитува доследно затоа што последиците се големи.