Портокаловата боја на сочниот плод укажува на изобилство од каротен кој е силен антиоксидант.
„Јадете диња во текот на летото затоа што благодарение на неа ќе надоместите сè што исфрлате од организмот поради потењето. Идеална порција е 250 грама дневно односно две кришки диња со средна големина“, велат нутриционистите
Замена за вода
Дињата е одлична ако сте на диета бидејќи 150 грама содржат само 53 калории, 13 грама јаглехидрати и многу влакна и витамин А и Ц. Освен тоа, дињата изобилува со антиоксиданти како колин, зеаксантин и бета-каротен кои овозможуваат заштита од низа болести – од обична настинка па сè до рак. Со оглед на тоа дека речиси 90 отсто од дињата е вода, таа е идеална за хидратација во текот на жешките летни денови. Особено им се препорачува на лицата кои имаат проблеми со бубрезите.
Во Индија се мелат семките од дињата и се додаваат во напитоци од јогурт и млеко, а исто така се користат и во слатки и алва.
Дињата содржи нутриенти важни за здравјето на очите, го намалува ризикот од астма, го регулира крвниот притисок, помага при варењето, но придонесува и за убава кожа и коса. Маслото од семки од диња некогаш било лек против кашлица и висока температура, а се користи и за олеснување на варењето.