Стариот поредок се распаѓа
Светот влегува во нова ера на политика на „големи сили“, во која моќта повторно станува поважна од правото, предупреди германскиот канцелар Фридрих Мерц во говорот на Светскиот економски форум во Давос.
Тој оцени дека мирната атмосфера на швајцарската, како што ја нарече, „магична планина“ во Давос е во остар контраст со реалноста во светот.
– Стариот поредок се распаѓа со застрашувачка брзина – изјави Мерц пред присутните светски лидери и експерти.
Германскиот канцелар нагласи дека Германија веќе има историско искуство со таков развој на настаните.
– Не го кажувам ова лесно. Во 20 век, мојата земја, Германија, тргна по овој пат и го вовлече светот во црна бездна – рече тој.
Мерц ја посочи руската агресија врз Украина како симбол на новата глобална нестабилност, додавајќи дека промените се уште подлабоки. Според него, Кина се наметнува како доминантна сила, додека американското глобално водство, како што истакна, „виси на конец“.
Тој ја поздрави изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување „рамка за иден договор“ со Данска и со Гренланд, оценувајќи дека тоа е сигнал оти САД ја согледуваат сериозноста на руската закана на Арктикот.
– Ние ќе ги заштитиме Гренланд, Данска и Данскиот Север од заканата што ја претставува Русија – рече Мерц, додавајќи дека Берлин ќе ги брани принципите на суверенитет и територијален интегритет врз кои се темели трансатлантското партнерство.
Во завршницата на говорот, германскиот канцелар упати јасно предупредување до сојузниците, нагласувајќи дека секој обид за стекнување европска територија со сила е „неприфатлив“.
Стариот поредок се распаѓа
