Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски ќе биде лидер на нашиот национален тим на претстојното тешко гостување во Халкида кај селекцијата на Грција.
Кузмановски изјави дека претстои средба со една исклучително борбена екипа, која веќе покажала квалитет и борбеност со пласманот на Светското првенство во 2027 година.
„Мислам дека имаме анализирано и собрано доволно видео-материјал од екипата на Грција. Тие покажаа во изминатите квалификации против Холандија една добра и борбена игра во одбраната и една брза транзиција. Очекувам дуелот со Грција да биде еден тежок меч, но сметам дека ние максимално сме спремни и посакуваме победа на Македонија. Ние секогаш одиме на таков резултат кога играме за националниот тим, но мора да го покажеме тоа на терен со дисциплинирана игра. Сите сме здрави, спремни, искусни и веруваме во себе. Против секој ривал мора да играме 60 минути посветено и ангажирано, така можеме до успех“, изјави Кузмановски.
Натпреварот помеѓу Грција и Македонија е закажан да се одигра во недела со почеток од 16:00 часот. Во рамките на првото квалификациско коло македонскиот национален тим го совлада Луксембург, додека грчките ракометари претрпеа пораз на гостувањето кај селекцијата на Шведска.
