Случајот со Расел Бренд предизвика силен бран реакции во Велика Британија, особено околу начинот на кој жртвите на сексуален напад се третираат во судските постапки. По изрекувањето на пресудата, сè погласни се барањата за итни реформи во законските правила што ги регулираат судењата за вакви кривични дела.
Повод за овие реакции беа одредени тези изнесени од одбраната на Бренд, за кои шефот на лондонската метрополитенска полиција, Сер Марк Рол, истакна дека се опасно блиску до префрлање на вината врз самите жртви. Тој јавно предупреди за длабоко вкоренетите општествени предрасуди околу однесувањето на лицата кои преживеале насилство, потенцирајќи дека не постои универзален начин на реакција.
„Некои луѓе ќе се борат, некои ќе се замрзнат од страв. Некои веднаш ќе кажат некому што се случило, додека други ќе молчат со години. Нема еден начин да се одговори“, нагласи Рол.
Првиот човек на полицијата даде поддршка и за иницијативата на комесарката за права на жртвите, Клер Ваксман. Нејзиниот предлог предвидува судиите да имаат законска обврска детално да ги едуцираат поротниците за заблудите и митовите поврзани со сексуалното насилство, што би можело да стане дел од претстојниот закон за судови и трибунали.
Рол очекува дека пресудата против актерот ќе охрабри поголем број жени да пријават доколку биле изложени на сексуален напад. Во меѓувреме, Бренд е сместен во затворот Вандсворт во југозападен Лондон, установа позната по екстремно тешките услови за живот.
За суровоста на овој затвор претходно сведочеше и поранешниот тенисер Борис Бекер, кој таму издржуваше казна по осудата за прикривање финансиски средства по прогласувањето банкрот. Бекер во 2022 година помина две и пол години зад решетки, опкружен со осуденици за најтешки злосторства, при што се соочувал и со смртни закани.
„Вандсворт е навистина голем, многу валкан и исклучително опасен затвор. Има убијци, педофили, дилери на дрога, среќавате секакви луѓе. Сè се сведува на преживување. Кога ќе излезете од ќелијата, мора да се грижите за себе, бидејќи чуварите нема да го сторат тоа наместо вас“, изјави претходно Бекер.
Поранешниот вимблдонски шампион опиша дека во почетокот морал целосно да избегнува контакт со очите со другите осуденици со цел да се заштити. По актуелната пресуда, јавно се огласи и Џорџина Бејли, која беше дел од скандалот од 2008 година, кога Бренд и Џонатан Рос оставаа навредливи телефонски пораки на секретарката на актерот Ендру Сакс.
Тој инцидент своевремено предизвика јавен гнев, заминување на Бренд од радиопрограмата и тримесечна суспензија на Рос, принудувајќи го јавниот сервис на драстични програмски промени. Бејли истакна дека смета оти правдата конечно е задоволена.
„Иако никогаш не ме силувал ниту нападнал, како што секогаш сум велела, не знаев што се случувало зад затворени врати меѓу него и жените што го обвинувале. Нивните сведоштва беа убедливи. Тој беше прогласен за виновен и сега сакам да ја исправи неправдата што ја направил“, изјави таа.
Бренд, кој е татко на три деца, беше прогласен за виновен по четиринеделно судење, откако поротата заседаваше околу осум часа пред да ја донесе одлуката. Непосредно пред официјалното изрекување на пресудата, тој кратко ѝ порача љубов на сопругата Лаура Галагер во судницата.
