Гласав „против“ предложениот Закон за измени и дополнување на Кривичниот законик заради тоа што сметам дека овие измени кои што вчера се усвоија не одат во прилог на ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ.
Во изјава за медиуми во рамките на денешниот прием нa претседателот на Собранието, Талат Џафери, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, Морачанин истакна дека она што е за неа многу важно, и за ДОМ како партија е владеење на правото.
„Она што е за мене многу важно и за нас како ДОМ, знаете дека тоа ни е еден од столбовите, покрај заштита на животна средина, човекови права итн. и мислам дека е тоа многу важно генерално за македонското општество, па исто така и во насока на евроинтеграциските процеси, бидејќи, знаете – владеењето на правото, неселективна правда, борба против корупција, тоа е во првиот кластер основното, би рекла темелното Поглавје, затоа и се нарекува темели. Мислам дека овие законски измени со намалување на казните за злоупотреба на службена должност, злосторничко здружување не одат во прилог на ефикасна борба против криминалот и затоа гласав ‘против’“, рече таа.
Во однос на наводите дека за тоа постои договор помеѓу власта и опозицијата, таа одговори дека нема такви информации.
„Она што знам е дека за нас како ДОМ вакви законски измени не се прифатливи и затоа гласав ‘против’“, дополни Морачанин.
На прашањето зошто толку набрзина, експресно се донесоа овие измени, таа посочи дека за вакви законски решенија е потребна поширока јавна дебата со вклученост на експерти.
„И јас имав забелешки во разговорите зошто се носи законот и со европско знаменце и во скратена постапка и толку набрзина, но и немаше некоја дебата поголема па и од страна на опозициските пратеници, ниту на Комисијата за европски прашања, ниту на пленарната седница. Се согласувам дека за вакви законски решенија е потребна поширока јавна дебата со вклученост на експерти оти и за нас беше тешко, еве и за мене како пратеничка, бидејќи, тоа е сепак закон – одредби кои што треба да се прочитаат, да се проверат, тоа бара време. Мене ми требаа и консултации со експерти, јас не сум правник по професија за да ми биде јасно за што се работи во промените. Се согласувам дека требаше да оди во редовна постапка со јавна дебата“, посочи таа.
Морачанин потсети дека услов за останување на ДОМ во владината коалиција е борбата против корупцијата и рече дека тоа ќе го дискутираат во рамките на телата на партијата.
Собранието вчера ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Според Владата, која овие измени ги предложи со европско знаменце, станува збор за усогласување со директивите на Европската Унија. За опозицијата, тоа е обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.