Руските власти, како што се наведува, вчера и денеска наутро информирале за серија напади со беспилотни летала, вклучително и над Москва, обвинувајќи го Киев дека стои зад нив. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјавил дека руската армија рано утрово соборила две борбени беспилотни летала западно од главниот град на Русија

Трите најголеми аеродроми во главниот град на Русија, Москва, од рано утрово го прекинаа полетувањето и слетувањето, објави руската новинска агенција ТАСС, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Воздушниот простор е затворен над (аеродромите) ‘Внуково’, ‘Шереметјево’ и ‘Домодедово’“,

изјавил неименуван официјален претставник додавајќи дека слетувањата се суспендирани, а полетувањата одложени.

Руските власти, како што се наведува, вчера и денеска наутро информирале за серија напади со беспилотни летала, вклучително и над Москва, обвинувајќи го Киев дека стои зад нив.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјавил дека руската армија рано утрово соборила две борбени беспилотни летала западно од главниот град на Русија.

Беспилотните летала, како што соопштил тој, биле соборени над градот Красногорск и населбата Части.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата синоќа околу 23 часот по локално време соборила два украински дрона над Црното Море, на 40 километри северозападно од Крим.

Властите во Москва, исто така, информираат и за уште две беспилотни летала, соборени утрово во областа Брјанск, која се граничи со Украина.

Русија изминатиов период, како што тврдат тамошните власти, е изложена на повеќе напади со дронови, кои предизвикаа прекини на транспортот во земјата и затворање на аеродроми во последните неколку недели.

Пред два дена железничка станица во југозападниот регион Курк, кој граничи со Украина, беше погодена од напад со дрон, при што, според информациите на руските власти, беа повредени пет лица.

Украина, која вообичаено не ги коментира нападите што се случија на руска територија за време на 18-месечната војна на двете земји, не одговори на обвинувањата на Москва за последните инциденти.

Британскиот национален сервис Би-би-си вчера објави дека руски бомбардер од долг дострел „Ту-22“, за кој се вели дека е гордоста на руската воена авијација, е уништен во напад на украински дрон.

На фотографиите кои беа објавени на социјалните мрежи се гледа запален „тупољев Ту-22“ во воздухопловната база „Солци-2“, јужно од Санкт Петербург.

Москва соопшти дека во терористичкиот акт нема жртви и дека пожарот на пистата на аеродромот е брзо изгаснат.

Украина сè уште не излегла со коментар во врска со овој извештај.