„Мостот Беласица и денеска затворен за пешаци и возила. Причините за пожарот се уште се утврдуваат од страна на градежните експерти. Бетонските огради ќе останат додека мостот не се санира.“

Освен самиот мост, небезбедно за минување е и на кејот на реката Вардар, кој се наоѓа под опожарениот мост поради одрон на бетон. Денеска забележавме дека пешаците го избегнуваа движењето околу мостот, но вчера камерата на Канал 5 регистрираше повеќе пешаци кои безгрижно го поминуваа, а дури и ги прерипуваа поставените огради. Апел тоа да не се прави, упати директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, но други детали околу причините и штетите на мостот не сподели. За повеќе информации не упати во Град Скопје.

„Пешаците не треба да поминуваат постои ограда која го спречува минувањето преку мостот, за жал повеќе граѓани поминуваат. Апелирам да не го користат бидејќи таква е одлуката на Град Скопје, која е основана од стручни лица. За сите други информации обратете се кај Град Скопје, ние не навлегуваме во детали, нас не интересира безбедноста на граѓаните, која што секогаш за нас е на прво место. “ изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК

Од Град Скопје пак, објасуваат дека „надлежноста за мостот е кај Центарот за управување со кризи и МВР, кои по достава на извештаите од лице место ќе известат за понатамошно постапување.“

Додека институциите си ја префрлаат топката, кој е надлежен да сподели повеќе детали – неофицијално, оштетувањата биле навистина големи што враќањето во функција на мостот е доведено под знак прашалник, барем во догледно време.

Инаку пожарот кој изби во вечерните часови, со температура од неофицијално 1000 С, службите го гаснеа скоро четири часа. Изгорени се електрични инсталации кои што се дел од самата структура на мостот, а изгорена е и обвивката на цевководите од системот за парно греење. Една од можните причини е спој на електричните кабли, другата пак, човечки фактор.