Снег паѓа денеска во повеќе земји од Балканот, а во одредени делови од регионот дува и силен ветер. Временските неприлики предизвикаа отежнати услови за сообраќај и најави за драстичен пад на температурите.
Српската престолнина Белград и нејзината околина денеска побелеа од снежните врнежи. Тамошните надлежни власти упатија предупредување до возачите значително да ја намалат брзината на движење на меѓуградските патни правци околу Белград, со посебен совет за задолжителна употреба на зимска опрема и строго почитување на сообраќајните ограничувања.
Снежни врнежи се регистрирани и низ Хрватска, пред сè во Загреб и во централниот дел на земјата, како и на подрачјето на Подравина и Славонија. На повисоките предели снежната покривка веќе достигна висина од 10 до 20 сантиметри. Температурите во најголемиот дел од Хрватска се движат меѓу нула и три степени, додека долж крајбрежјето изнесуваат од девет до 14 степени.
Поради налетите на силен ветер, во одредени подрачја на Хрватска се активирани жолт, портокалов и црвен метеоролошки аларм, при што на одделни локации ветерот достигнува брзина и до 165 километри на час. Снег и врнежи од дожд во текот на денешниот ден се забележани и на територијата на Босна и Херцеговина.
Во Македонија денешното време е облачно со повремени врнежи од дожд, додека кон крајот на денот се очекува врнежите да поминат во снег. Синоптичарите за следните денови најавуваат стабилно, но исклучително студено време, при што утринските температури речиси насекаде ќе бидат под нулата, а на одредени места живата на термометарот ќе падне и до -18 степени.
