Исто така, тој посочи дека здравствените власти разислуваат за евентуално воведување рестрикции од наесен за невакцинираните граѓани.

Една од мерките која ќе се разгледува е вакциналниот сертификат да биде услов за влез на масовни настани, кина, културни манифестации и слично.

Филипче вели дека се прават анализи за опфатот на имунизација во здравството, училиштата и градинките, а доколку нема зголемување на интересот за вакцинација, ќе се предложат рестрикции со цел, како што вели, да се зголеми опфатот за имунизација.

– Нашите анализи покажуваат дека здравствениот персонал е вакциниран во висок процент. И ги чекаме анализите од опфатот на вакинација во градинките и училиштата. Свесни дека можеби и покрај тоа се што правиме нема да се зголеми интересот, затоа размисуваме за некаква форма на рестрикција. Не може да биде вакцинација задолжителна, за жал. Никаде во светот не е. И затоа мораме да размислуваме и за некои други алтернативни решенија – да се присуствува на настан со масовно присуство, дали на затворено дали на отворено, дали во кина или културни настани само со таков сертификат и можно е тоа да го препорачаме од есенските месеци за да го зголемиме опфатот, рече Филипче.

Филипче рече дека вакцинацијата тече непрекинато и дека со теренската и вакцинацијата без термин се зголемува интересот за имунизација. Досега околу 430.000 граѓани примиле прва доза на вакцина против ковид-19, а 250.000 се ревакцинирани.