Човекот кој важеше како еден од најблиските луѓе на поранешниот премиер Зоран Заев, а и негов кумашин – Мухамед Зеќири ќе биде зад решетки.

Долги години беше главен и одговорен уредник на телевизијата Алсат М, како и новинар во неколку други медиуми во земјава. Потоа потпретседател на владејачката СДСМ и пратеник во Собранието, преку ген-сек на владата за на крај да заврши зад решетки. Вака накратко може да се опише кариерата на Зеќири која на крајот ќе заврши неславно – со две и пол години затвор.

Според првостепената пресуда за поранешниот генерален секретар во Владата, Мухамед Зеќири. Кривичниот суд го задолжи и да ја надомести штетата по државниот буџет во висина од 71,3 милиони денари.

Со последните измени на Кривичниот законик, на Зеќири му се суди по обвинителен предлог. Тој се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Зеќири се товари дека од април 2021 до јануари 2022 година како генерален секретар на Владата, без јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги, во вредност од речиси милион евра.

Зеќири тврди дека за време на судењето обвинителот не ја докажал неговата вина. Тврди дека извршувал активности за кои бил задолжен со одлука на Владата. Обвинетиот најави жалба до повисокиот суд.

Зеќири важеше за еден од најблиските луѓе на Зоран Заев. Дури поранешниот премиер беше кум на неговата свадба во 2019 година.

Многумина очекуваа повисока казна за Зеќири. Ваквата ниска затворска казна доаѓа по измените во Кривичниот Законик на власта. Со овие измени злоупотребите на функционерите можат да бидат казнети во затвор до 5 години, наместо претходно кога ова беше минимумот за затворска казна.