Белгија ја реафирмира поддршката за европскиот пат на земјата

Во Скопје денеска се одржа средба на високо ниво меѓу македонскиот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски и белгискиот министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка Максим Прево, кој престојува во официјална посета на земјава.

Разговорите биле насочени кон унапредување на билатералните односи и економската соработка, како и кон актуелните процеси поврзани со проширувањето на Европската Унија. Посебно внимание било посветено на поддршката што Белгија ја дава за македонската европска интеграција.

Министерот Муцунски изрази задоволство од нивото на соработка меѓу двете држави и се заблагодари за, како што рече, доследната и конструктивна поддршка од белгиската страна во евроинтегративниот процес. Тој нагласи дека Владата останува посветена на реформските процеси и целосната усогласеност со заедничките политики на Европската Унија.

Евроинтеграциите и реформските процеси во фокусот

„Особено ја цениме јасната позиција дека евроинтегративниот процес мора да се темели на исполнување на копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но и на подготвеноста на самата Европска Унија да ги спроведе неопходните внатрешни реформи за прием на нови членки“, истакна Муцунски.

Двете страни оцениле дека односите се стабилни и пријателски, со потенцијал за натамошно продлабочување во економијата, трговијата и инвестициите.

Министерот Прево порача дека Белгија останува цврст поддржувач на европскиот пат на земјата и дека ќе продолжи да го поддржува процесот на проширување врз основа на резултати и реформи. Тој ја поздрави реформската посветеност и усогласеноста со политиките на ЕУ.

Во разговорите биле отворени и прашања поврзани со актуелните геополитички состојби и предизвици за европската безбедносна архитектура.