Македонија има потенцијал да стане важен економски партнер на Индија, со можности за продлабочување на соработката во трговијата, инвестициите, иновациите, образованието, дигиталната трансформација и културата, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Македонско-индискиот бизнис форум во Скопје.

Форумот се одржува во присуство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, и претседателката на Индија, Друпади Мурму. Муцунски истакна дека Индија за земјава не претставува само значаен пазар, туку и стратешки економски партнер со кој постои голем простор за унапредување на односите.

„Нашата земја им нуди на индиските компании конкурентен влез во регионот и на европскиот пазар. За нас Индија не е само важен пазар, туку и стратешки економски партнер со кого имаме огромен потенцијал за продлабочување на соработката во трговијата, инвестициите, иновациите, образованието, дигиталната трансформација и културата“, рече Муцунски.

Министерот посочи дека Индија денес е една од главните економски приказни во светот, а нејзиниот брз развој, технолошкото лидерство и претприемачкиот дух имаат влијание врз регионалната и глобалната економија.

Тој информираше дека во 2025 година билатералната трговија меѓу двете земји достигнала речиси 132 милиони американски долари, што претставува речиси двојно зголемување во однос на претходната година.

„Тоа е охрабрувачки, но е само почетокот. Нашата амбиција е поголема. Сакаме повеќе трговија, повеќе инвестиции, повеќе заеднички вложувања. Повеќе компании кои работат заедно за да создадат вредност во двете наши земји“, нагласи Муцунски.

Тој додаде дека Владата останува посветена на зајакнување на владеењето на правото, подобрување на деловната клима и зголемување на извозните можности, со цел инвеститорите да добијат не само можности, туку и сигурен партнер за долгорочна соработка.

„Наоѓајќи се на крстопатот на Југоисточна Европа, горда сојузничка во НАТО и цврсто посветена на европската иднина, нашата земја им нуди на индиските компании конкурентен влез во регионот и на европскиот пазар“, посочи Муцунски.