Македонското општество има знаење, има талент, има луѓе кои успеваат и дома, но и во целиот свет. Сега е време тој потенцијал да го претвориме во резултати. Да создадеме држава што ќе биде доволно силна младите да сакаат да останат, доволно модерна за талентите да се враќаат и доволно самоуверена да се натпреварува и со најдобрите, порача попладнево министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на Самитот на Македонија 2025.

Во обраќањето пред присутните, Муцунски напомена дека во денешниот свет што брзо се менува, малите држави не можат да победат со големина, но можат со знаење, агилност, доверливи институции и со способност да се адаптираат побрзо од другите.

Тој и во оваа прилика потенцира дека европската иднина останува наш избор.

-Постојат настани како овој, каде што луѓето доаѓаат затоа што веруваат дека можеме повеќе. Изминатите два дена не зборувавме само за економија, технологија или инвестиции. Зборувавме за меѓусебна доверба, за визија – каква држава сакаме да изградиме и каква иднина сакаме да оставиме зад нас. И тоа е веројатно најважната порака од овој самит, дека македонското општество има знаење, има талент, има луѓе кои успеваат и дома, но и во целиот свет. Но, сега е време тој потенцијал да го претвориме во резултати. Во текот на овие два дена се разговараше за економски раст, инвестиции, лидерство, иновации, дигитализација и конкурентност. Се отворија сериозни прашања за тоа како да изградиме поефикасни институции, како да создадеме подобра бизнис клима и како да обезбедиме услови младите да ја гледаат својата иднина тука, дома. Посебен акцент беше ставен на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација не како далечни концепти, туку како реалност што веќе го менува начинот на кој работиме, учиме и се натпреваруваме во светот. Во време кога технологијата се развива побрзо од било кога, нашата задача е да создадеме општество што нема само да ги следи промените, туку ќе знае и да ги искористи, истакна Муцунски.

Според него, предолго како општество сме чекале некој друг да ни каже и да ни потврди дека можеме.

– Јас верувам дека сами можеме да го докажеме тоа. Особено сум горд што овој самит уште еднаш ја покажа силата на македонската дијаспора. Нашите луѓе ширум светот не се само емотивно поврзани со татковината, тие се важен дел од нашата иднина. Преку нивното знаење, искуство, глобални мрежи и инвестиции, се отвораат нови можности за развој, иновации и меѓународна афирмација на државата. И кога македонски претприемач во Торонто, инженер во Берлин или професор во Њујорк ќе успее, тоа не е само личен успех. Тоа е доказ за капацитетот што го носиме како народ. Затоа и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува силно посветено на градење на уште посилни врски со дијаспората, но и на модерна економска дипломатија што отвора нови пазари, нови партнерства и повисок стандард за живот, рече министерот.

Негова оценка е дека Самитот на Македонија 2025 уште еднаш потврди дека е една од најрелевантните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон развој, лидерство и онакво глобално поврзување како што и треба на земјава.

-Европската иднина исто така останува наш избор. Не затоа што некој ни ја должи, туку затоа што тоа е патот на реформите, владеење на правото, силни институции и повисоки стандарди за живот. Никој нема да ја изгради нашата иднина наместо нас. Тоа е наша задача, тоа е наша одговорност и наша генерациска шанса. Нашата задача сега е јасна: да создадеме држава што ќе биде доволно силна младите да сакаат да останат, доволно модерна за талентите да се враќаат и доволно самоуверена да се натпреварува и со најдобрите. Со силна агенда, со важни пораки и со учество на истакнати говорници од земјата и од странство, токму овој самит уште еднаш се потврди како една од најрелевантните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон развој, лидерство и онакво глобално поврзување како што ни треба. Затоа, овој самит нека не биде само уште еден успешен настан, нека биде нов почеток за партнерства, конкретни иницијативи и заедничка акција, бидејќи иднината не им припаѓа на најгласните, им припаѓа на оние што се подготвени да ја создадат, подвлече Муцунски.(МИА)