Македонскиот идентитет е прашање на историја, јазик и култура
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски испратија силна и јасна порака за заштита на македонскиот идентитет, како одговор на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Граѓаните со бура реакции по изјавата на Марта Кос
По заедничката прес-конференција на Кос и Мицкоски одржана вчера, на која таа изјави дека идентитетот не е политичка категорија и дека се состои и од националните специјалитети како тавче гравче, пинџур и полнети пиперки, реагираа и премиерот и министерот, ставајќи акцент на историските и културните димензии на македонскиот идентитет.
На македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје, Муцунски порача дека за Македонија нема дилеми кога станува збор за темелите на идентитетот.
„Премиерот Христијан Мицкоски беше кристално јасен, нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ комплексни, тешки времиња која е најголемото богатство што го имаме како држава“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека и денес, во 21 век, има обиди за оспорување на македонскиот идентитет, дури и од земји кои себеси се нарекуваат европски.
„Посебно во овој регион, идентитетот е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат. Но за нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет, како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци и апсолутно никој нема право да го оспори тоа“, рече тој.
Мицкоски: Идентитетот не се сведува на храна
Во одговорот на изјавата на еврокомесарката Марта Кос, премиерот Мицкоски беше дециден дека македонскиот идентитет не се определува само преку гастрономијата.
„За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци, и Илинденското востание, и Дамјан Груев, и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет“, изјави Мицкоски.
Овие изјави доаѓаат во време кога прашањето за националниот идентитет сè уште е чувствително во регионалниот контекст и често предизвикува реакции, особено во однос на историјата и јазикот.