Средба за унапредување на економската дипломатија и промоција на извозот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.

На средбата се разговараше за иницијативи и конкретни форми на поддршка за компаниите кои се ориентирани кон извоз, вклучително организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница и подобрување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва.

– Целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите на коморите и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој, – истакна Муцунски.

Министерството соопшти дека средбата потврди одлична досегашна соработка и изразено задоволство од постигнатите резултати, со цел нивно натамошно продлабочување и обезбедување конкретни придобивки за компаниите и економскиот развој на државата.

– Претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, со цел поддршка на стопанството и економското закрепнување, – наведува соопштението.

На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани за наредниот период, како можност за понатамошна соработка помеѓу Министерството и Стопанската комора.