Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изрази длабока загриженост по синоќешниот вооружен инцидент. Инцидентот се случи за време на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во Вашингтон. Тој нагласи дека за насилството нема место во демократските општества.

Муцунски во објава на мрежата „Х“ посочи дека насилството е неприфатливо. Тој додаде дека тоа важи без разлика дали е насочено кон избрани лидери, јавни службеници, новинари или граѓани.

„Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама и останатите присутни се безбедни, и му посакувам брзо закрепнување на повредениот офицер на Тајната служба.“, напиша Муцунски на мрежата „Х“.

Во објавата, Муцунски порача дека Македонија стои заедно со Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека тоа е во заштита на демократијата, јавната безбедност и принципите на кои се темелат слободните општества.