Според соопштението на МВР, денеска заканувачки пораки за поставени експлозивни направи стигнале до вкупно 18 училишта во земјава. По направените проверки, утврдено е дека сите дојави се лажни
Лажни се и денешните дојави за поставени бомби што ги добија вкупно 18 училишта ширум земјава на своите електронски адреси, информира Министерството за внатрешни работи (МВР) по направените антитерористички проверки.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информира МВР.

Според соопштението на МВР, денеска заканувачки пораки за поставени експлозивни направи стигнале до вкупно 18 училишта во земјава. Од вкупниот број училишта, девет се во Скопје, три во Битола, две во Прилеп, две во Тетово и две во струшкиот регион.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите кажа дека при анализите се покажало дека се можни три нивоа за причините за дојавите за бомби, односно за хибридните напади и тоа геостратегиски, политички и авантуристички.

Тој додаде дека случајот со дојавите за бомби во Делчево е во завршна фаза и се очекува за неколку дена да се обезбедат доказите и да биде поднесена кривична пријава. На добар пат, како што рече, е и решавањето на уште една дојава во Скопје која беше минатите денови.

Во меѓувреме денеска започна затворената седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност чија единствена точка на дневен ред се преземените мерки за справување со лажните дојави за бомби. На седницата е присутен и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.