По укажувањата од Асоцијацијата за цистична фиброза дека сè уште нема никаков прогрес во однос на набавка на лекот „трикафта“ и најавите кои ги дадоа и дека доколку работите се движат со ова темпо, веднаш по празниците ќе организираат поголем протест, нивни претставници веднаш беа повикани на средба во Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство информираат дека преставниците на Асоцијацијата за цистична фиброза, пациенти со цистична фиброза и родители на деца со цистична фиброза биле повикани на разговор со цел запознавање со процесот со кој Министерството веќе активно работи на изнаоѓање сеопфатно решение за овие пациенти.

За таа цел е ангажирана работна група која од пред две недели работи на случајот. Претставници од Асоцијацијата, исто така, ќе бидат повикани и на состанок со работната група за директно да бидат вклучени и запознаени со предизвиците и чекорите потребни за да се стигне до решение за оваа ранлива категорија, соопштија од Министерството за здравство.

Претходно денеска од Асоцијацијата за цистична фиброза, пред Министерството за здравство одржаа прес конференција, на која најавија дека по Веигденските празници ќе организираат голем протест, ако не се обезбеди лекот „трикафта“ за сите пациенти болни од оваа болест.

Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, рече дека нема никаков прогрес во однос на набавка на лекот „трикафта“, иако поминал еден месец откако беа донесени законските измени околку набавката на лекот.