САД – Американскиот рок-пејач, глумец и уметник роден како Марвин Ли Адеј, а попознат под уметничкото име Мит Лоф, почина вчеравечер, со сопругата Дебора покрај себе, како што изјави долгогодишниот негов агент Мајкл Грин. Мит Лоф имаше 74 години.
„Знаеме колку тој Ви значеше и навистина ја цениме сета љубов и поддршка додека минуваме низ ова време на тага поради губењето на еден таков инспиративен уметник и прекрасен човек. Од неговото срце до Вашите души – никогаш да не престанете ’да рокате’!“, се вели во соопштението на семејството.
Како глумец и „хард рок“ изведувач имаше улога во над 100 филмови, ТВ-серии, музички видеа итн. Негови можеби најпознати улоги се оние во „Роки хорор шоуто“ (1975) и „Боречки клуб“ („Fight Club”, 1999, покрај Бред Пит и Едвардс Нортон). Како музичар има вкупно над 80 милиони продадени примероци од своите плочи.
За песната „I’d Do Anything for Love (But I Won’t Do That)“ која мина пет недели на број 1 на листите во САД 1993 година, а се најде и на врвот во Обединетото Кралство, Мит Лоф освои и „Греми“ награда за најдобра рок-изведба.