На 8 август ќе бидат официјално распишани локалните избори, а според предвидениот изборен рок од 60 до 90 дена, првиот круг најверојатно ќе се одржи на 26 октомври, а вториот две недели подоцна – на 9 ноември, пренесе телевизијата „Канал 5“.

Но она што го засенува изборниот календар е правниот вакуум за независните кандидати, кој настана откако Уставниот суд ги укина спорните одредби од Изборниот законик – токму оние што го зголемуваа бројот на потребни потписи за самостојно кандидирање.

И покрај одлуката на судот, пратеници од власта и опозицијата повторно поднесоа законски измени со кои се предлага повторно покачување на прагот за независни кандидати. Овие измени сега се заглавени во Собранието, поради противењето на партијата ДУИ и немањето Бадентерово мнозинство.

Правниот хаос може директно да влијае врз учеството на граѓанските иницијативи и независните листи. Не е јасно дали тие ќе можат да се кандидираат без потписи, со еден потпис или со нов, поголем број, што е спротивно на веќе донесената уставна одлука.

Граѓанскиот сектор бара итна реакција, автентично толкување од Собранието и блокирање на обидите за ограничување на независното политичко учество. До тогаш, прашањето останува отворено: ќе има ли независни кандидати на локалните избори во октомври?