Првиот претседател на Замбија, Кенет Каунда, таткото на независноста на земјата, со која владееше 27 години, почина денеска на 98-годишна возраст, соопшти владата.

„Тој почина мирно во 14.30 часот во болница“, изјави државниот секретар Симон Мити на националната телевизија.

Поранешниот шеф на државата беше примен во болницата во понеделникот во Лусака, главниот град на Замбија, поради пневмонија.

Замбија во моментов се бори со скок на бројот на случаи со Ковид-19, а Каунда беше примен во воената болница во Лусака, што е центар за третман на Ковид-19.

Каунда беше водач на кампањата што стави крај на британското колонијално владеење и стана првиот демократски избран претседател на Замбија во 1964 година. Тој раководеше земја што стана еднопартиска држава до 1991 година, кога беше поразен на изборите по воведувањето на повеќепартиски систем.

За време на неговото владеење, Каунда ја претвори Замбија во центар за антиколонијални групи кои се бореа да стават крај на владеењето на белото малцинство во земјите од Јужна Африка, вклучувајќи ги Ангола, Мозамбик, Намибија, Јужна Африка и Зимбабве.

Каунда им дозволи на герилските организации да управуваат со воени бази, кампови за обука, центри за бегалци и административни канцеларии.