Главниот град на Јапонија и неколку други окрузи од крајот на април се под вонредни мерки, што значеше, меѓудругото, затворање на рестораните и баровите рано навечер и забрана за продажба на алкохол.

– Одлуката за укинување на вонредната состојба стапува на сила во недела, како што е предвидено за Токио и осумте други области, рече премиерот Јошихиде Суга.

Но, додаде тој, вонредната состојба е продолжена до 11 јули во Окинава.

– Од средината на мај се намалува бројот на инфекции на национално ниво и бројот на слободни кревети во болниците се подобрува, објасни премиерот, додавајќи дека поради одредени делови каде инфекцијата не стивнува целосно, некои ограничувања остануваат во сила.

Токио би можел да ги задржи и ограничувањата на бројот на гледачи на спортските натпревари и концерти. Засега се дозволени максимум 5.000 гледачи, а владата вчера дозволи горна граница од 10.000 гледачи за областите во кои веќе нема вонредна состојба или се во таканареченото квази-вонредна состојба.

Овие мерки можат да влијаат и на организаторите на Олимписките игри во Токио, кои најверојатно ќе донесат одлука за присуството на локалното население на натпреварите на почетокот на следната недела. На гледачите од странство веќе им е забрането да присуствуваат на натпревари, првпат во историјата на Олимписките игри.