Соработката во инфраструктурата, туризмот и инвестициите меѓу Македонија и Катар ќе се интензивира

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со вршителот на должност амбасадор на Катар, Рашид бин Саед Ал-Кајари.

Двајцата соговорници оценија дека билатералната соработка меѓу Македонија и Катар е на солидно ниво, но постои простор за дополнително зајакнување, особено во економијата и трговијата.

На средбата, Николоски ја истакна амбициозната програма на Владата во делот на инфраструктурата, туризмот и авиосообраќајот. Тој нагласи дека Македонија води активни политики за развој на воздушниот транспорт и ја потенцира можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Доха.

Исто така, беше разговарано и за продлабочување на соработката во транспортниот сектор, туризмот и привлекување нови инвестиции. Николоски посочи дека земјата е во фаза на реализација на големи капитални проекти и ги повика катарските компании да учествуваат на меѓународните јавни повици.

„Соработката меѓу Македонија и Катар е многу важна за развој на економијата, туризмот и за поврзување на граѓаните од двете земји. За нас е значајно да се воспостави директна линија меѓу двете земји, пред сè поради бизнис релациите. Имаме добра основа, но верувам дека можеме уште повеќе да ја зајакнеме преку размена на искуства и нови инвестиции“, изјави по средбата вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.