Од ад хок решенија кон системски развој
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ги презентираше резултатите од работата на Министерството во изминатите две години, оценувајќи дека е направен значаен исчекор од политика на ад хок решенија кон системски пристап за развој на општините и регионите. Според него, наместо справување само со последиците од долгогодишните проблеми, фокусот бил ставен на нивно трајно надминување и создавање услови за долгорочен и одржлив развој.
Одобрени 1.116 инфраструктурни проекти
Перински посочи дека еден од најзначајните резултати е инвестицискиот циклус за поддршка на општините, преку кој, во два јавни повици, биле одобрени вкупно 1.116 инфраструктурни проекти во вредност од 18,4 милијарди денари. Тој нагласи дека станува збор за најголемиот инвестициски циклус за општините во поновата историја на Македонија, кој опфаќа нови улици, водоводи, канализации, реконструирани училишта и градинки, енергетски ефикасни јавни објекти и подобри услови за живот во сите општини.
Поддршка за општините и регионален развој
Министерот информираше дека за првпат е воспоставен Ресурсен центар за поддршка на општините, со база на експерти, практични прирачници за локалната администрација и проценка на потребите на сите општини во државата. Тој додаде дека акцент бил ставен и на ажурирањето на базите на даночни обврзници, како важна мерка за финансиска стабилност на општините. Во делот на законските измени, Перински посочи дека по повеќе од две децении е подготвена обемна реформа на Законот за локалната самоуправа, насочена кон унапредување на локалната демократија, транспарентноста, дигитализацијата и учеството на граѓаните.
Европски фондови и нов пристап
Во делот на регионалниот развој, Перински соопшти дека во периодот од 2024 до 2026 година, преку две програми за рамномерен регионален развој, биле поддржани 185 проекти во вредност од над 489 милиони денари. За европските фондови, тој информираше дека активно се спроведуваат пет ИПА III програми за прекугранична соработка со соседните земји, во чии рамки во моментов се реализираат 39 проекти со вкупна вредност од над 21 милион евра за македонските корисници. Перински порача дека најважно е тоа што бил променет пристапот – од модел на реагирање на проблемите, кон модел кој создава услови тие проблеми да не се повторуваат.
