Повеќе од 1.800 вработени во јавното здравство поднеле тужби против здравствените установи во кои работат, а вкупната вредност на побарувањата достигнала околу 2,18 милиони евра. Според податоците презентирани на денешниот брифинг на Фонд за здравствено осигурување, тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи во државата.

Најмногу тужби за додатоци на плата

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, изјави дека најголем дел од тужбите се поврзани со неисплатени додатоци на плата, како прекувремена работа, ноќни смени, работа за викенди и празници, бонус плати и јубилејни награди.

„Тужбите претежно произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работните односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде значително повисок, бидејќи голем дел од постапките сè уште не се завршени“, изјави Клековски.

Највисок износ на тужбени барања има Клиничка болница Битола со 16,8 милиони денари, додека болницата во Куманово има најмногу тужители – дури 317 вработени.

Можно е бројот на тужби дополнително да расте

Од ФЗО предупредуваат дека бројот на судски постапки може дополнително да се зголеми. Како пример беше посочен Јавниот центар Кратово, каде се најавени уште околу 65 нови тужби во текот на 2026 година, со побарувања од над 3,5 милиони денари.

Фондот ја презентираше и анализата за платите во јавното здравство, која опфаќа 18.872 вработени во 12 типа здравствени установи за декември 2025 година. Според податоците, просечната вкупна нето-плата во јавното здравство изнесувала 50.039 денари, додека просечната основна плата била 37.660 денари.

Недостиг од кадар и нова работна група

Клековски посочи дека најголем удел на додатоци во платите имаат установите што работат во непрекинат 24-часовен режим.

„Универзитетската клиника за државна кардиохирургија има 40,66 проценти удел на додатоци, Клиничка болница Штип 37,83 проценти, а Институтот за радиологија 37,67 проценти. Од друга страна, превентивните установи и поликлиниките имаат многу помал удел бидејќи работат без дежурства“, рече тој.

Тој информираше дека Министерството за здравство веќе формирало работна група заедно со ФЗО и синдикатите, со цел да се расчистат нејаснотиите околу исплатата на додатоците и да се намали бројот на судски спорови.

„Наш став е дека сè што им следува на вработените треба да биде исплатено, но не смеат да се оставаат сиви зони за неетичко постапување“, нагласи Клековски.

Меѓу препораките се побрза исплата на правосилните пресуди, централен регистар за следење на судските предмети и зајакнување на правните служби во болниците каде има најмногу тужби.

На брифингот беше отворено и прашањето за недостигот на медицински кадар, при што Клековски посочи дека најкритична е состојбата со анестезиолозите, кои „речиси ги нема“ во дел од јавните здравствени установи.

Воедно, тој информираше дека со одлука на Владата добил четиригодишен мандат како директор на ФЗО, додека за заменик-директор е назначен Седат Бислими.