Од Министерството за здравство велат дека сите тие, почнувајќи од понеделник, во рок од 20-на дена ќе бидат вакцинирани со онаа вакцина што е достапна.
Според Министерството за здравство, станува збор за околу 180.000 граѓани кои се пријавени за вакцинација, а се уште не добиле термин.
Околу 64.000 граѓани на возраст од 40-59 години се пријавени на веб-страницата за вакцинација, а сѐ уште немаат термин кога да се појават на еден од пунктовите. Над 40.000 граѓани на возраст од 60-99 години исто така чекаат вакцина.
-МојТермин не отвора термини за тип на вакцина, секој граѓани добива информација пред вакцинацијата со која вакцина ќе се вакцинира, велат од Министерството за здравство.
Очекувањата се дека откако ќе заврши вакцинацијата на овие граѓани во следниот еден месец, вакцинирањето ќе се одвива без термини, односно секој граѓанин ќе може да оди до најблискиот пункт за вакцинација и да ја прими вакцината што е достапна.
Според податоците од министерството, досега во земјава се вакцинирани најмногу луѓе на возраст од 60-69 години (75.604 граѓани), а потоа следува старосната група од 25-49 години (66.953 граѓани), вакцинирани се 48.632 граѓани од 50-59 години и 2.852 лица над 18-24 години.
Во земјава во моментов се аплицираат вакцините на „Синовак“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“ (која кај нас се аплицира кај лица над 60 години), а тече и ревакцинацијата со кинеската „Синофарм“.
В петок се очекува преку Ковакс-системот да стигнат околу 100.000 вакцини од прозиводителот „Фајзер“, а дополнително секој понеделник околу 11.000 илјади вакцини стигнуваат од овој прозиводител во нашата земја, обезбедени од директни преговори и преку програмата Тим Европа. Викендов се очекува и испораката на 500.000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“ кои треба да пристигнат во два наврати.