Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарала на денешната седница за пратенички прашања во Собранието да биде повикана и претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, меѓутоа таа не е повикана, потврди на денешниот брифинг спикерот Талат Џафери.

Како што посочи претседателот на Собранието, на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им одговорил дека, иако дел од членовите на Судскиот совет се избираат во парламентот, кој ќе биде претседател на ова тело одлучуваат членовите на советот на седница. Оттука, со оглед дека на пратенички прашања одговараат функционери избрани од Собранието, Џафери посочува дека не може да ја повика Црвенковска да реферира пред пратениците.

Изборот на новата претседателка на Судскиот совет, кој се случи пред неполни два месеци, предизвика реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата забележуваше што таа била советничка на поранешниот премиер Владо Бучковски во владата на СДСМ и ДУИ од 2004-2006 година, но и тоа што никогаш не била судијка.

Исто така, нејзиното име беше инволвирано и во случајот со стечајот на Еуростандард банка за кој ѝ се упатуваа обвинувања дека нејзиното семејството имало кредит од оваа банка кој не бил вратен.

Црвенковска, пак, веднаш негираше дека нејзиното семејство учествувало во малверзации, а отфрли и какви било политички влијанија врз нејзината работа.