Дел од лицата кои живеат под прагот на сиромаштија во Аргентина се зголеми на 40,1 отсто, покажуваат најновите статистички податоци во земјата, цитирани од ДПА.

Според податоците од националниот Институт за статистика – Индекс, во првата половина на 2023 година дошло до зголемување на процентот на луѓето кои живеат во сиромаштија, за 0,9 отсто во споредба со втората половина на 2022 година.

Во Аргентина, едно лице се смета за сиромашно ако домаќинството во кое живее не може да си дозволи основни производи за широка потрошувачка.

Податоците се објавени нешто повеќе по три недели пред претседателските избори во Аргентина, забележува ДПА.

Втората по големина економија во Јужна Америка е во канџите на тешка финансиска и економска криза. Инфлацијата е 124 отсто, курсот на националната валута, пезосот, е во слободен пад, а планината од долгови продолжува да расте.

На 22 октомври Аргентинците ќе изберат наследник на левичарскиот претседател Алберто Фернандез.

Либертаријанскиот популист Хавиер Мили, за кој се вели дека е идеолошки близок со поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, победи на прелиминарните избори, а владејачкиот перонистички табор ќе го претставува министерот за економија Серхио Маса.