Четворица припадници на израелската армија загинаа, а повеќе од 60 лица се повредени во напад со дрон чија цел била воена база во северен Израел, соопштија Израелските одбранбени сили.
ИДФ додаде дека седум војници се тешко повредени во нападот врз базата во непосредна близина на Бињамина – област која се наоѓа меѓу Хаифа и Тел Ави. Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари рече дека ќе го истражи инцидентот и вети подобрување на одбраната на земјата.
Одговорноста за нападот, кој светските медиуми го квалификуваат како „еден од најкрвавите врз Израел од почетокот на војната минатиот октомври“, ја презеде либанската милитантна група Хезболах.
Вооружената група соопшти дека нападот бил одговор на израелските напади во јужен Либан и Бејрут во четвртокот и додаде дека извршила 38 напади врз израелски војници, армиски бази и касарни во Израел.
Израелската служба за брза омош соопшти дека 61 лице се повредени во нападот, од кои три критично.