Цените на нафтата повторно се зголемуваат по новите тензии во Ормускиот теснец, откако минатата недела забележаа остар пад. На лондонскиот пазар барелот поскапе за 5,7 проценти и се искачи над 87 долари, додека на американскиот пазар цената се зголеми за повеќе од 6 проценти и достигна 89,5 долари.
Пазарите се нестабилни уште од крајот на февруари, кога САД и Израел го нападнаа Иран, по што Техеран одговори со затворање на Ормускиот теснец, кој претставува една од најважните рути за извоз на нафта од Блискиот Исток.
Во меѓувреме, расте загриженоста и за снабдувањето со авиогориво во Европа, при што шефот на Меѓународната агенција за енергија предупреди дека резервите би можеле да бидат доволни за уште само шест недели. Последиците веќе се чувствуваат и во авио-сообраќајот, па така на аеродромот во Загреб се потврдени откажани летови.
Според Марко Цвијин, директор на авиокомпанијата „Трејд Ер“, цената на авиогоривото во Европа од почетокот на кризата пораснала за околу 100 проценти, односно од околу 900 долари по тон на дури 2.000 долари, што значително ги зголемува оперативните трошоци на авиокомпаниите. Тој појаснува дека ако порано горивото учествувало со околу една третина во цената на еден час лет, сега тој удел се искачил на речиси половина од вкупните трошоци.
Ваквите промени, како што додава, неизбежно ќе доведат до поскапување на авионските билети, а можно е и намалување на бројот на летовите доколку трендот на раст на цените продолжи. Во најлошо сценарио, предупредува, недостиг на гориво во Европа би можел сериозно да го погоди авио-сообраќајот, иако изразува надеж дека кризата ќе се смири и снабдувањето ќе се стабилизира.
Цвијин, кој повеќе од 30 години работи во авијацијата, вели дека не се сеќава на ваква ситуација.
