Седумдесет и двегодишниот американски актер Џон Траволта ја доби наградата за животно дело за време на свеченото отворање на Филмскиот фестивал што се одржа во театарот „Реџо“ во Торино. Актерот на церемонијата го привлече вниманието од фотографите и публиката, особено поради црните кожни ракавици.

Траволта присуствуваше на проекција на филмот „Ноември 1963-атентатот на Џон Ф. Кенеди“, во кој го играше мафијашот Џони Росели.

Наградата му ја доделија Националниот филмски музеј во Торино и организаторите на фестивалот. Филмот ќе почне да се прикажува во италијанските кина од трети декември.

Публиката го поздрави со громогласен аплауз на што им се заблагодари.

„Ви благодарам што ми овозможивте да имам ваква прекрасна кариера. Сите овие години ми помогнавте да истражувам и да ви одиграм толку различни ликови“, изјави Траволта.

„Воедно, ми дадовте можност да пеам, да танцувам и да одиграм улоги за кои никогаш не сум сонувал“, додаде Траволта.

Тој истакна дека поддршката од обожавателите му овозможила слободно да се изразува и да се развива како уметник, без ограничувања. За време на фестивалот беше промовиран и филмот „Ноќно патување во Лос Анџелес“, прво негово режисерско остварување.