Јубилејното петто издание на Фестивалот на грчки филм започнува вечерва со проекција на филмот „Длабочината на океанот“ („Титаник Оушн“) во режија на Константина Коѕамани.

Филмот, кој претходно беше дел од официјалната селекција „Извесен поглед“ на 79. Кански филмски фестивал, ја води публиката во светот на јапонска школа каде тинејџерки се обучуваат за професионални сирени.

Главната хероина, 17-годишната Акаме, вежба задржување здив, сценски настап и пливање крај ајкули, додека под силиконската опашка го осознава сопствениот идентитет, првата љубов и личната преобразба.

Остварувањето претставува драма за созревањето во која се испреплетуваат романтиката, фантазијата и надреализмот, истражувајќи ги темите за женскиот идентитет, слободата и трансформацијата.

Свеченото отворање на манифестацијата е предвидено за 18:30 часот, а проекцијата стартува во 19:00 часот, по што ќе следува разговор на публиката со режисерката Коѕамани.

Културниот настан трае до 27 ноември под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“ и прикажува три долгометражни и два краткометражни наслови од грчки авторки.

Фокусот е ставен исклучиво на филмски дела во режија на жени, со стремеж да се прикаже разновидноста на женските уметнички перспективи и да се отвори простор за теми надвор од класичните наративи.