Поранешниот лидер на екстремно десничарската група „Горди момчиња“ беше осуден на 22 години затвор за организирање немири и упад во зградата на Конгресот во Вашингтон во јануари 2021 година, што е најголема казна досега за напад на седиштето на американската демократија.
Енрике Тарио беше осуден во мај за бунт и заговор. 39-годишниот Тарио не бил во Вашингтон за време на немирите, но помогнал да се организира бунтот на десничарската група.
Повеќе од 1.100 луѓе беа уапсени под обвинение за немири во Капитол.
Пред неколку дена, сегашниот водач на групата, ветеранот на американската армија Џо Бигс (38), беше осуден на 17 години затвор, откако судот го означи како „поттикнувач“ на нападот врз Конгресот на 6 јануари 2021 година, соопштија обвинителите.
Тој беше осуден за бунт и други обвиненија.
Бигс низ солзи изрази каење за своите постапки пред судот.
Казната изречена од американскиот окружен судија Тимоти Кели е многу полесна од онаа што ја бараа обвинителите – 33 години.
Друг член на групата, Захари Рел, во четвртокот беше осуден на 15 години затвор, исто така под обвинение за заговор за бунтовност.
Пред да биде осуден, емотивниот Тарио им се извини на полицијата и на жителите на Вашингтон за неговата улога во немирите на 6 јануари 2021 година, кога приврзаниците на тогашниот американски претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот додека пратениците ја потврдија победата на Џозеф Бајден на претседателските избори.
„Крајно сум засрамен и разочаран што предизвикавме тага и страдање“, рече тој пред федералниот суд во Вашингтон.
„Ќе морам да живеам со тој срам до крајот на мојот живот“, додаде тој.
На почетокот на јануари 2021 година, приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, каде што се потврдуваат резултатите од претседателските избори, според кои победил кандидатот на Демократската партија, Џозеф Бајден.
Веднаш по изборите, а тоа го тврди и денес, Трамп изјави дека победил и дека резултатите во некои држави биле променети во корист на Бајден.
Во нередите загинаа пет лица, меѓу кои и полицаец кој ја обезбедуваше зградата на парламентот.
Полицијата при упадот застрела жена во градниот кош, а таа во болница им подлегна на повредите, соопшти полицијата.
Уште три лица ги загубија животите „поради здравствени проблеми“, а полицаецот Брајан Сикник им подлегна на повредите здобиени во судирите со демонстрантите, соопшти тогаш полицијата.